Култура Започна реновирањето на „куќата на џезот“, трајното просторно решение за Националниот џез-оркестар

Започна реновирањето на „куќата на џезот“, трајното просторно решение за Националниот џез-оркестар

Министерката Костадиновска-Стојчевска, вицепремиерот Фатмир Битиќи, директорот на „ТАВ констракшнс“, Фатин Кан, и претставници на Националниот џез-оркестар извршија увид во почетокот на реновирањето на просторот доделен на националната установа

Фото: Министерство за култура

Новите простории на НУ Националниот џез-оркестар имаат околу 500 квадратни метри, со просторија за проби, магацини за инструменти, канцеларии за администрација, студио за снимање и режија и сето она што е неопходно за квалитетно творештво. Со проектот, комплетно се реновираат подните и ѕидните површини и плафоните, а се поставува и нов систем за ладење и греење.

Ова денеска го соопшти министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која заедно со заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, директорот на „ТАВ констракшнс“, Фатин Кан, и претставници на Националниот џез-оркестар извршија увид во почетокот на реновирањето на просторот доделен на НУ Национален џез-оркестар.

Фото: Министерство за култура

„Ја исполнивме обврската да најдеме трајно просторно решение за Џез-оркестарот. Го остваривме ветувањето за нов дом на установата и покажавме дека се грижиме за македонските уметници и за условите во кои тие работат“, истакна Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура рече дека џез-оркестарот секојдневно ја потврдува важноста на своето постоење, ги оправдува очекувањата и го потврдува реномето на репрезентативен музички ансамбл кој ја афирмира македонската култура во државава и надвор од неа.

Просторот на НУ Национален џез-оркестар се наоѓа во подрумскиот дел на Националната опера и балет и почна да се адаптира по потпишаниот Договор меѓу вицепремиерот Битиќи, министерката за култура Костадиновска-Стојчевска и претставниците на ТАВ и „ТАВ констракшнс“, пред два месеца.