Македонија Западен Балкан изземен од ЕУ рестрикциите за извоз на медицинска заштитна опрема

Западен Балкан изземен од ЕУ рестрикциите за извоз на медицинска заштитна опрема

Фото: Арбнора Мехмети

По барање на земјите од Западен Балкан, Европската комисија започна консултации со земјите членки за географско прилагодување на предлог регулативата за извозни рестрикции за медицинска опрема, со која земјите од Западен Балкан ќе бидат изземени од обврската за барање на извозни дозволи за набавка на ваков вид на опрема при увоз од земјите на ЕУ, информираат од Министерството за надворешни работи.

„Новата Регулатива е предвидено да започне да се применува од 26 април, отсега покривајќи само една категорија – медицинските лични заштитни маски, за којашто ќе биде потребна посебна извозна дозвола за останатите земји кои не се изземени од нејзиниот географски опфат. Сите останати категории кои претходно беа предмет на рестрикции ќе бидат ослободени“, се наведува во соопштението на МНР.

Новата шема ќе ги обврзе земјите членки на ЕУ експедитивно да ги процесираат барањата и да издаваат извозни дозволи за итни набавки во контекст на хуманитарна помош за справување со корона вирусот, врз основа на проверка за расположливоста, во консултација со Европската комисија.

Шемата за извозни рестрикции беше воведена како мерка од страна на ЕУ за да се адресира епидемиолошката криза предизвикана од корона вирусот.