Свет Балкан Ѕанакопулос: Договорот ќе биде ратификуван во грчкиот парламент без проблеми

Ѕанакопулос: Договорот ќе биде ратификуван во грчкиот парламент без проблеми

По потпишувањето на Договорот од Преспа, Грција и ПЈРМ започнуваат нова ера на пријателство, соработка и стабилност, рече портпаролот на грчката влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос, на денешниот редовен брифинг со новинарите и изрази убеденост дека Договорот ќе добие мнозинство во грчкиот парламент.

Ѕанакопулос упати остри критики до опозициската Нова демократија за ставот што го зазема во однос на договорот. Но и уште еднаш истакна дека опозициските партии во двете земји имаат идентични позиции, „играат на картата поделба меѓу наводни патриоти и наводни предавници“.

– Опозициите и од двете страни, договорот го сметаат за предавство. Од една страна Мицотакис ни вели дека оној што изврши предавство е господинот Ципрас, од друга страна ВМРО-ДПМНЕ вели дека Заев е националниот предавник. На крај кој е предавник? Никој не е национален предавник. Едноставно говориме за двајца лидери и две влади кои прв пат се движеа во насока на вредностите на соработката, на пријателството, на солидарност и на заеднички развој на Балканот и затоа решија еден спор што трае 26 години – рече Ѕанакопулос.

Ѕанакопулос изрази убеденост дека ратификацијата во грчкиот парламент ќе помине без проблеми, а доколку е потребно, владата потоа може да побара и гласање доверба.

– Договорот, верувајте ми, ќе се ратификува од грчкиот парламент со проширено, патриотско и прогресивно мнозинство и доколку во продолжение е потребно, верувајте ми, грчката влада одново ќе добие глас за доверба за да го заокружи четиригодишниот мандат – објасни портпаролот на грчката влада и министер без ресор.

Портпаролот на грчката влада и министер без ресор, на денешниот редовен брифинг со новинарите, категорично ги демантираше информациите дека Грција за решавањето на името добила компензација за долгот.