Економија Заев: За изградба и реконструкција на патиштата годинава се планирани 200 милиони...

Заев: За изградба и реконструкција на патиштата годинава се планирани 200 милиони евра

реконструкција на пат

„Реконструкцијата на патниот крак Кавадарци-Дреново ја реализираме на барање на граѓаните од овој регион, кои ќе добијат современа делница и безбедно приклучување кон експресниот пат во изградба од Градско кон Прилеп. Ги реализираме програмските одредници „Сообраќајна мрежа без црни точки”, и патно поврзување меѓу најголемите центри, за што нема да бидат потребни повеќе од 90 минути“, истакна премиерот Зоран Заев на денешниот увид на реконструкција на патниот правец Кавадарци-Дреново, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на „Македонија пат“, Беким Мемеди.

Заев рече дека во наредните години ќе се инвестира преку милијарда евра во патна инфраструктура, a само во оваа година се планира за изградба и рехабилитација на патиштата да се наменат околу 200 милиони евра.

Министерот Бочварски истакна дека по завршување на оваа патна делница од Дреново до Кавадарци, се продолжува со рехабилитација на регионалниот пат Неготино-Глишич, како и дека во оваа градежна сезона ќе се реконструираат 5 улици во Кавадарци и 3 улици во Неготино.

Директорот на „Македонија пат“, Мемеди, изјави дека реконструкцијата на патниот правец Кавадарци-Дреново е во вредност од 90 милиони дебари и дека е тој  исклучително важен за тиквешкиот регион. Ќе се реализира во две фази, при што првата опфаќа гребење и реконструкција во должина од 5,1 километар, а втората фаза ќе биде реконструкција во должина од 3,9 км, и ширина 7 метри.