Премиерот Зоран Заев, на маргините на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, што денеска се одржува во Лондон, имаше средби со претставници на Охридската група, пријатели и поддржувачи на Македонија, предводени од сер Џорџ Робертсон.
Од владиниот кабинет велат дека на средбите, искусните дипломати и политичари, претставници на повеќе меѓународни организации, го истакнале исклучителниот напредок на Република Македонија и ја нагласиле историската важност за постигнатиот договор со Република Грција кој ги отвара вратите за членство во НАТО и датум за преговори со ЕУ.
„Соговорниците на работните состаноци се согласија дека од огромна важност е што мнозинството од граѓаните го поддржуваат членството во ЕУ и НАТО и дека тоа е аргумент за оптимистички очекувања за исходот од референдумот. Лорд Робертсон, поранешниот Генерален секретар на НАТО, информираше на средбите дека сите членови на групата Охрид и пријатели на Република Македонија го поддржале писмото кое во име на групата било испратено до шефовите на државите и на владите на земјите членки на ЕУ и НАТО, за позитивна одлука на Европскиот Совет и за најавеното активирање поканата за членство во НАТО“, информираат од владината прес-служба.