Македонија Заев се сретна со Могерини, шефицата на европската дипломатија

Заев се сретна со Могерини, шефицата на европската дипломатија

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, попладнево имаше билатерална средба со Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини.

„Пред вечерата со претставниците на Западен Балкан, Федерика Могерини се сретна со Зоран Заев, определениот за премиер на Поранешна Југословенска Република Македонија“, напиша на „Твитер“, Маја Коцијанчич, портпаролка на Европската комисија.

По билатералните средби со Могерини, претставниците на шесте земји од Западен Балкан вечерва од 20.30 часот ќе имаат неформалната вечера.

Могерини претпладнево на прес-конференција во Брисел соопшти дека на неформалната вечера ќе се разговара за иднината на соработката помеѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ.

-Целта е да се развијат инклузивни општества, добро управување и широки економии. Мојата заложба и заложбата на комесарот Хан но и на тројцата претседатели – Доналд Туск, Жан-Клод Јункер и Антонио Тајани е тесна соработка со сите шест земји. Ова не значи да работиме за нив, туку со нив и тоа е целта на вечерашниот состанок. Неодамна, имаше некои потешкотии, но и некои охрабрувачки чекори, па секогаш е добро да се сретнат и сите заедно да разговараме за чекорите што ќе ги преземеме за во иднина – рече Могерини.