Главна секција Заев: Се надевам дека ова ќе биде последен обид за решавање на...

Заев: Се надевам дека ова ќе биде последен обид за решавање на спорот со името

Македонија влегува во обид кој што се надевам дека ќе биде последен, со конечна цел, решавање на проблемот кој што Грција го има со нашето уставно име, изјави премиерот Зоран Заев како одговор на новинарско прашање по средбата со премиерот на Словенија, Миро Церар.

– Ова е навистина актуелно прашање и во Македонија. Логично беше по завршувањето на локалните избори, да се направи нов обид за решавање на овој суштествен или чувствителен проблем, кое што го има Република Грција со нашето уставно име, а кое истовремено е пречка за нашите интегративни процеси. Процесите веќе почнуваат, на 20 или 21 ноември очекуваме да се направи првата средба помеѓу преговарачите од двете земји, со медијаторот Метју Нимиц. Во ноември очекуваме тие преговори да се интензивираат – рече Заев.

Тој истакна дека Македонија гради пријателски односи со Грција и во пријателска атмосфера и додаде дека тој верува дека може да се најде решение на спорот.

– Ние во Македонија се обидуваме да изградиме национален консензус, сите, претседателот на државата, Владата, опозицијата, но во функција на наоѓање решение, а не на негово одложување – додаде Заев.