Македонија Заев побара поддршка од гостиварци за кандидатот за градоначалник на ДУИ, Бејта

Заев побара поддршка од гостиварци за кандидатот за градоначалник на ДУИ, Бејта

Лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, синоќа побара поддршка од граѓаните на Гостивар за кандидатот за градоначалник на ДУИ, Невзат Бејта, во вториот круг од локалните избори, кој ќе се одржи на 29 октомври.

– Дојдов во овој убав град на соживотот, да побарам поддршка за Невзат Бејта. Гостивар беше во незавидна состојба затоа што вашиот градоначалник знаеше да пофали и да искритикува кога треба и тоа го фрли во немилост од претходната власт. Мојот другар и добар пријател Невзат Бејта, знам колку си го сака Гостивар и со мала поддршка од централната власт, Гостивар ќе блеска – рече Заев, на синоќешната средба со граѓани на Гостивар.

Тој додаде дека целосно застанува зад програмата на Бејта за Гостивар, која, како што рече, ќе ги реши проблемите на граѓаните.

– Стоиме целосно зад потребите на Гостивар, а тоа е трајно решавање на депонијата, реконструирање на главната улица во булевар, со што ќе се растовари сообраќајот и ќе се овозможи Гостивар да дише. Вие граѓаните го полните буџетот на Општината, вие ќе кажувате за што ќе се наменуваат парите – додаде Заев, изразувајќи уверување дека граѓаните на Гостивар ќе ја дадат довербата на Невзат Бејта.