Главна секција Заев: Од Трст се испраќаат охрабрувачки пораки дека ќе се приближиме кон...

Заев: Од Трст се испраќаат охрабрувачки пораки дека ќе се приближиме кон Европа

Европската Унија мора подиректно да му помогне на регионот за да се забрза неговата евроинтеграција, а самитот во Трст испраќа пораки на охрабрување дека ќе се приближиме кон Европа, рече македонскиот премиер Зоран Заев во емисијата „Окружење“, која се снимаше денеска на самитот ЕУ – Западен Балкан, што се одржува во Трст во рамки на Берлинскиот процес.

Според Заев, блокирањето на Македонија поради нерешеното прашање во врска со името и спорот со Грција ги демотивира македонските граѓани, но новата Влада има пријателски односи кон сите соседи и никого нема да провоцира.

– Грција може многу да ѝ помогне на Македонија, која е подготвена да возврати на таквата помош. Се менува односот на ЕУ кон Балканот, па така од првичната изјава на Жан-Клод Јункер дека ќе нема проширување на ЕУ до 2019 година, дојде до тоа Балканот да биде во фокусот на Унијата – рече Заев.

Во емисијата „Окружење“, која се снимаше утринава пред официјалниот почеток на самитот во Трст, освен Заев, учествуваа и премиерот на Албанија, Еди Рама, шефот на дипломатијата на Србија, Ивица Дачиќ, и генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка, Горан Свилановиќ.