Македонија Заев не открива детали за писмото до „Њујорк тајмс“

Заев не открива детали за писмото до „Њујорк тајмс“

Зоран Заев, лидерот на опозицискиот СДСМ, не сака да го коментира необјавеното и неиспратено писмо до „Њујорк тајмс“, за кое на денешната прес-конференција кажа дека се користи како доказен материјал во случајот за шпионажа. Писмото, наводно, е најдено во компјутерот на Зоран Верушевски, првообвинет во акцијата „Пуч“, но сè уште не може да открие што пишува во писмото.

– Јас можам  да ви кажам само дека писмото е најдено во компјутерот на Верушевски, сè друго што би изјавил би било некоректно од моја страна. Ако ги коментирам доказите, тогаш би се однесувал исто како Груевски – ни рече Заев по прес-конференцијата.

Лидерот на опозицијата на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање, рече: „А, за шпионажа, знаете што е доказот на МВР? Писмо напишано до „Њујорк тајмс“, на англиски јазик, и никогаш неиспратено. Па, сега, вие толкувајте која е таа странска служба и странска шпионажа“.

На прес-конференцијата на 31 јануари, кога МВР и Никола Груевски ја информираа јавноста за акцијата „Пуч“, беа обелоденети повеќе детали, но писмото не беше спомнато.

„Од досега извршената дигитално-форензичка анализа и анализа на содржината, пронајдени се податоци и документи кои укажуваат дека постојат основани сомневања за сторените кривични дела. Во содржината на електронските податоци, беа пронајдени податоци и информации кои укажуваат на транскриптирани документи за извршени разговори помеѓу повеќе личности од јавниот и од општествено-политички живот во Р.Македонија, криптирани доверливи документи од повеќе институции од државата, службени документи од кореспонденција со странски држави, документи од спроведени истраги од надлежните судски инстанци во Р.Македонија, кривични пријави и други известувања од правни и од физички лица доставувани до Јавното Обвинителство на Р.Македонија, деловни договори на неколку домашни и странски правни субјекти. Поради обемната содржина на дигиталните информации, анализите ќе продолжат и во наредниот период под контрола и надзор на јавниот oбвинител.“