Македонија Заев на средба со премиерот Санчез, потврдена поддршка на Шпанија за почеток...

Заев на средба со премиерот Санчез, потврдена поддршка на Шпанија за почеток на преговорите со ЕУ

Извор на фотографија: Влада на РСМ

На денешната, прва средба на премиерско ниво на шефовите на владите на Северна Македонија и Кралството Шпанија, Зоран Заев и Педро Санчез, изразено било исклучително задоволство од двете страни и средбата била оценета како историска и како нова, важна страница за натамошен развој на двете пријателски земји, информираат од владината прес-служба.

Премиерите Заев и Санчез на средбата, на која присуствувал и заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, се согласиле дека средбата е важна и заради евроинтеграциските процеси на Северна Македонија, имајќи ја предвид силната поддршка од Шпанија за одржувањето на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ, и со тоа, за старт на преговорите.

На средбата, шпанскиот премиер Педро Санчез истакнал дека неговата земја е силен поддржувач на Северна Македонија во остварувањето на оваа цел, нагласувајќи дека поддржува почеток на преговорите и за Северна Македонија и за Албанија во исто време.

Шпанија многу високо ги оценува реформите што ги спроведува Северна Македонија, рече премиерот Санчез на средбата и потенцираше дека тоа, како и исполнувањето на другите критериуми за пристапување во ЕУ, се најважни процеси кои земјата ги остварила и испорачала кон Брисел.

Двајцата премиери оваа прва средба на премиерско ниво ја оценија и како особено значајна за стопанствениците од двете земји и се согласија дека ќе земат уште поголемо учество во поттикнувањето на бизнисмените од двете страни да соработуваат на заеднички инвестициски проекти.