Главна секција Заев ќе става бројчаник за враќање на украдените пари како на Тајмс...

Заев ќе става бројчаник за враќање на украдените пари како на Тајмс сквер

Лидерот на опозицијата, Зоран Заев, вчера, одговарајќи на прашање во емисијата „Нова дебата“ на „Нова ТВ“ за тоа дали постои план за лоцирање и за враќање на сите народни пари, рече дека кога ќе дојде на власт СДСМ, ќе изгради споменик на кој ќе се покажува колку народни пари се вратени во буџетот.

„Јас, колку што знам, станува збор за околу пет милијарди евра од 2007 година. Според постојните закони во Македонија, предвидено е од кривично дело, докажано со судска пресуда, каде што има украдени пари или имот, ако се пронајдат, тие да се конфискуваат. На триумфалната капија ќе поставиме бројчаник и кога Агенцијата за запленет имот ќе продаде имот и ќе врати пари во буџетот, бројчаникот ќе заврти. Тоа ќе биде споменикот со кој ние ќе придонесеме кон сите споменици во централниото јадро на нашиот главен град. Тоа е доказот дека сè што е украдено ќе се врати во оваа држава. Јас верувам дека има можности за да се соберат докази и за да се врати голем процент од она што е украдено“, рече Заев.

Ваков сличен бројчаник има во Њујорк, во близина на Тајмс сквер, но и интернет-страница на која се одбројува националниот долг на САД, кој моментално е околу од 19 трилиони долари.

Бројчаник што го одбројува германскиот национален долг има и во Берлин.