Македонија Заев и Жбогар разговарале за реформите во правосудството и во медиумите

Заев и Жбогар разговарале за реформите во правосудството и во медиумите

Македонскиот премиер Зоран Заев и амбасадорот на ЕУ во Република Македонија, Самуел Жбогар, денеска имале средба на која се разговарало за претстојните реформи во правосудниот систем, медиумите и за воспоставувањето професионални државни институции, извести Владата.

„На состанокот е реафиримирана поддршката на Брисел за реформската Влада во Македонија, која изрази подготвеност за суштински промени во државата за подигнување на квалитетот на животот на граѓаните, демократизација на општеството и за отворање на евроатлантските перспективи на државата.
Ставот што го пренесе евроамбасадорот Жбогар е дека Брисел и земјите членки на Унијата сега гледаат можност за напредок на Македонија и се подготвени на принципиелно и експертско ниво да ѝ помогнат на Македонија во реформскиот процес“, се вели во соопштението од Владата.

Во однос на реформите предвидени со планот „3-6-9“, Заев го уверил евроамбасадорот дека владејачката коалиција останува на патот на негова реализација.

– Владата е цврсто определена за создавање услови за независно судство, објективни медиуми, ефикасни државни инстититуции, чија цел се единствено потребите на граѓаните. Реформите на кои се обврзавме во планот „3-6-9“ ќе продолжиме да ги реализираме инклузивно, со можност за вклученост на сите, поединци, групи, граѓанскиот сектор, опозицијата. Од големо значење е и поддршката и помошта што ја добиваме од нашите пријатели од Европа, кон која се стремиме како држава – порачал македонскиот премиер.