Македонија Заев и Шекеринска на средба со Заоралек и со Филе

Заев и Шекеринска на средба со Заоралек и со Филе

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, придружуван од Радмила Шекеринска, попладнево се сретна со Лубомир Заоралек, министер за надворешни работи на Чешката Република, Штефан Филе, поранешен еврокомесар за проширување, Јири Новачек, заменик-министер за внатрешни работи на Чешка и со Мирослав Рамеш, амбасадор на Чешката Република во Република Македонија.

Како што информираат од СДСМ, на средбата се разговарало за актуелната политичка ситуација во Македонија, потребата за фер и демократски избори во Македонија, ризиците доколку Македонија не добие Влада со полн легитимитет на престојните предвремени парламентарни избори.

– Само низ фер и демократски избори може да се избере влада признаена од сите граѓани и политички субјекти во Македонија и само таква влада ќе овозможи нормализација на институциите, стабилизација на државата и справување со актуелните предизвици. Без прочистен избирачки список и обезбедување услови за објективно известување од медиумите, не се можни регуларни избори – предочил Заев.

Тој соопшти дека СДСМ верува во независната институција ДИК и според Државната изборна комисија, во идеални услови избирачкиот список може да се прочисти за 85 до 90 дена, поради што нема ни законски услови за избори на 24 април.

– Неколку месеци доцнеше формирањето на ДИК, а регулацијата на медиумите што според Договорот од Пржино требаше да се договори до крајот на август, сè уште е отворено прашање. Доколку изборите не бидат фер, тоа може да ѝ нанесе штета на државата – рече Шекеринска.

На состанокот се разговараше и за бегалската криза и за потребата од затворање на прашањата што ја кочат Македонија на патот кон ЕУ, како што е проблемот со правото и правната држава.