Економија Заев и економскиот тим на Владата на средба со бизнис-заедницата

Заев и економскиот тим на Владата на средба со бизнис-заедницата

Премиерот Заев и економскиот тим на Владата денеска имаа работна средба со повеќе од 200 претприемачи, бизнисмени и стопанственици, во организација на Сојузор на стопански комори на Република Македонија.

Од кабинетот на премиерот соопштуваат дека Заев ги слушнал барањата и предлозите на стопанствениците и изразил цврста определеност на Владата да ја интензивира соработката со бизнис-заедницата, како и одлучноста низ заемна консултација да се носат одлуките во креирањето и во спроведувањето на економските политики.

– Владата ќе биде успешна ако соработува со бизнис-заедницата. Постои огромна мотивација и добра соработка помеѓу економските ресори во Владата. Желбата да бидеме сервис за бизнисот и за граѓаните е голема и очекуваме резултати од ваквата успешна соработка – изјави Заев.

Заев, пред претставниците на бизнис-секторот, ги презентирал економските политики на Владата за поддршка на домашните фирми и за нивно поврзување со странските инвеститори, а исто така го најавил и новиот ребаланс на буџетот.

Освен Заев на средбата присуствуваа и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација на економските ресори, Кочо Анѓушев, министерот за финансии, Драган Тевдовски, министерот за економија, Крешник Бектеши, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, и министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку.