Македонија Заев – Герберих: Германија ги поддржува реформските процеси

Заев – Герберих: Германија ги поддржува реформските процеси

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со Томас Герберих, новоименуваниот амбасадор на Република Германија во Република Македонија. Герберих, како што соопшти владината прес-служба, истакнал дека се случува позитивен и охрабрувачки развој на Република Македонија преводен од новата влада.

– Охрабрува реформската посветеност на Владата за обезбедување квалитетен живот на граѓаните и колку добро ги развивате односите со соседите за што имате отворена поддршка од Република Германија. Република Германија останува голем пријател и поддржувач на евро-атлантските аспирации и на добрата иднина на граѓаните на Република Македонија – соопштил Герберих.

Заев го нагласил ставот на Владата за мирни, фер и регуларни избори, како и цврстата определба да се реализира планот „3-6-9“.

– Очекуваме наесен овие напори на Владата во соработка со граѓанската, општествената и политичката јавност да резултираат со повлекување на условеноста на препораката за почнување преговори со ЕК, а наскоро Македонија да добие и датум за почеток на преговори за членство во ЕУ. Исто така, сметаме дека се реални нашите очекувања за напредок на Македонија во НАТО-интеграциите – рекол Заев.

Заев и Герберих констатирале дека постои голема економска соработка помеѓу Македонија и Германија, а амбасадорот Герберих најави дека економската поддршка ќе продолжи и ќе се зголеми.