Македонија Заев: Договорот од Пржино е единствениот излез од политичката криза

Заев: Договорот од Пржино е единствениот излез од политичката криза

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во придружба на заменик-претседателката Радмила Шекеринска и на пратеничката и потпретседателка на Собранието, Рената Дескоска, попладнево се сретнал со известителите на Комисијата за почитување на обврските и на заложбите на земјите-членки на Советот на Европа.

На средбата се разговарало за актуелната политичка ситуација во Македонија, спроведувањето на Договорот од Пржино и за потребата од негова суштинска имплементација.

Заев рекол дека Договорот од Пржино е единствена можност за излез на Македонија од политичката криза и дека само негово целосно спроведување може да создаде услови за одржување на фер и демократски избори.

Тој додал дека без прочистување на избирачкиот список и регулација на медиумскиот простор во Македонија, не може да има фер, демократски и слободни избори.

– Само со исполнување на овие два услови, во Македонија може да се спроведат фер и демократски избори, кои ќе обезбедат почитување на слободно изразената волја на граѓаните и, пред сè, стабилност на државата – истакнал Заев.