Македонија Забранет увоз на месо, млеко од овци и кози, како и на...

Забранет увоз на месо, млеко од овци и кози, како и на животни, од Бугарија

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) донела Решение со кое се забранува увоз од Бугарија и транзит преку македонска територија на живи домашни и диви мали преживари (овци и кози), како и сперма, јајце клетки и ембриони од домашни и диви мали преживари со потекло од оваа земја. АХБ забранува и увоз на месо, производи и преработки од месо од овци, кози, односно домашни и диви мали преживари, како и млеко и производи од млеко, но и сите можни производи и препарати од оваа категорија животни.

Забраната е поради појавата на чума кај мали преживари, која во Бугарија е потврдена од 22 јуни годинава е потврдена. Болеста ја има и во Турција.

Симптоми по кои може да се препознае ова заболување во стадото се: треска, рани во устата, дијареа, пневмонија (проблеми со дишењето), абортуси кај бремените животни и смрт кај животните. Болеста најтешко се манифестира кај младите животни, а кај козите повеќе од овците. Вирусот се излачува преку солзите, исцедокот од ноздрите, со кашлање и преку изметот од заразените животни, а болеста се шири преку директен и близок контакт меѓу животните. Водата, коритата за исхрана на животните и постелката, исто така, може да бидат загадени со различни исцедоци од животните и да предизвикуваат зараза, објаснија од АХВ.

Агенцијата апелира сточарите да внимаваат дали ќе се појават симптомите кај животните и да пријавуваат случаи, а ги алармирала и македонските ветеринари.