Македонија За една година завршени 15 отсто од експресниот пат Ранковце – Крива...

За една година завршени 15 отсто од експресниот пат Ранковце – Крива Паланка

Izvor na fotografija: Vlada na RSM

Јавното претпријатие за државни патишта досега успеало да заврши 15 отсто од изградбата на двете фази од идниот експресен пат Ранковце – Крива Паланка на Коридорот 8. По повеќе од една година по почетокот на градежните работи на проектот, физичкиот прогрес на првата фаза на делницата од Длабочица до Чатал изнесува 17 отсто, додека на секцијата меѓу Крива Паланка и Длабочица се завршени 13 отсто од севкупните работи.

Од ЈП за државни патишта за „Мета.мк“ велат дека рокот за изградба на целокупната траса од 23 километри е јуни 2021 година. Изведбата на градежните работи ја кочат два проблема – пристапот до трасата поради тешкиот терен и археолошките наоѓалишта долж самата траса. Паралелно се работи на двете фази од експресниот пат, кој го градат италијанската компанија „Тирена Скави“ и македонскиот конзорциум Гранит – Бетон од Скопје.

На првата фаза се изведени 22 отсто од земјаните работи. На вториот дел од трасата, завршени се 13 отсто од земјаните работи, започната е изградбата на 8 од вкупно 11 вијадукти на патот и се изведуваат 7 од 20 цевасти пропусти.

– Од досегашниот степен на реализација на проектот не би можеле да го определиме рокот за пуштање во употреба на патниот правец Ранковце – Крива Паланка – посочуваат од ЈП за државни патишта.

Во експресниот пат Ранковце – Крива Паланка ќе се инвестираат приближно 58 милиони евра. Делницата ќе има широчина од 12,5 метри, со што ќе се осигури побрза и побезбедна патна врска кон Бугарија. Светската банка, како заемодавач на средствата за изградба на патот, во јуни годинава даде умерено незадоволителна оценка за напредокот во целокупната реализација на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка.

Паралелно на овој проект, ЈП за државни патишта во следниот период ќе работи и на проширување на патот од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, во должина од 13 километри. Во моментов се реконструира постојниот пат од Ранковце до Крива Паланка, а наредната година ќе се работи и на обнова на коловозот на делницата од Куманово до Ранковце долга 31,8 километри.