Економија За една година цените на мало пораснале за 6,2 отсто, стопанството предлага...

За една година цените на мало пораснале за 6,2 отсто, стопанството предлага мерки

Фото: Mehrad Vosoughi on Unsplash

Индексот на трошоците на животот во ноември 2021 година, во однос на ноември 2020 година, бележи зголемување од 4,8 отсто, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 6,2 отсто, се наведува во најновиот извештај на Државниот завод за статистика.

И кај ноември во споредба со октомври 2021 година, трошоците на живот се зголемени за 0,7 отсто, додека цените на мало за 0,3 отсто.

„Пораст на индексите на трошоците на животот во ноември 2021 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај лебот и житата за 3,8 отсто, прехранбените производи, неспоменати на друго место за 2,9 отсто, сирењето и урдата за 2,3 отсто, месото за 2,1 отсто, маслото и маснотиите за 1,9 отсто, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 1,8 отсто, виното за 1,3 отсто, рибата и морските плодови, пивото за 1,2 отсто, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 0,7 отсто и жестоките пијалаци за 0,3 отсто“, информираат од ДЗС.

Во ноември, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот, е забележан и кај гасот за домаќинствата за 5,8 отсто, туристичките аранжмани за 3,9 отсто, чистењето, поправката и изнајмувањето облека за 3,2 отсто, додека најголемо намалување индексите на трошоците на животот во ноември 2021 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежото и разладеното овошје за 7 отсто.

Сепак, од статистичкиот извештај може да се увиди дека бројот на производите и услугите коишто имаат покачени цени е многу поголем од оние каде што е регистрирана пониска цена во ноември, споредено со октомври годинава.

Инаку, по одлуката на владата за замрзнување на цените на одредени производи, како и најавите за идентична одлука и за други продукти што се важни за задоволување на основните животни потреби на граѓаните, со своја реакција излегоа од Сојузот на стопански комори.

Тие велат дека мерката за замрзнување на цените на основните прехранбени производи е избрзана и наместо позитивен ефект, ќе придонесе за продлабочување на кризата. Бизнисмените се жалат дека никој не ги консултирал, пред властите да донесат одлука. Стопанствениците сметаат дека наместо ограничување на цените, треба да се воведе замрзнување на маржите, односно заработката на трговците и фирмите. На тој начин, би се спречило нереално зголемување на цените.