Македонија За еден месец против голема кашлица се вакцинирале повеќе од 22.000 деца

За еден месец против голема кашлица се вакцинирале повеќе од 22.000 деца

Вакцините немаат врска со аутизмот, родителите да ги вакцинираат децата, вели министерот Демири

Фото: Архива на Мета

Од почетокот на епидемијата на голема кашлица во Скопје досега се вакцинирани повеќе од 22.000 деца, соопшти министерот за здравство Илир Демири.

Тој потсетува дека вакциналните пунктови работат во две смени со цел да им биде полесно на родителите да ги имунизираат своите деца, гарантирајќи дека вакцините немаат никаква врска со аутизмот.

„Во однос на функционирањето на здравствениот систем, има потреба од регионализација. Ако ми е дадена можноста да продолжам да ја извршувам позицијата министер за здравство по изборите, ќе се трудам да се формираат регионални центри во Битола, Штип, Куманово и во Тетово. Со ова, пациентите ќе добиваат здравствена услуга најблиску до местото на живеење. Како пример за регионален центар е  Клиничката болница Тетово каде работев на оваа идеја пред да станам министер“, рече тој.

Државните здравствени и санитарни инспектори дури од вчера почнаа да проверуваат во градинките во државата, дали се примаат деца со пропуштени дози на ДиТеПер вакцината против пертусис. Демири дури вчера најави дека ќе му наложи на Државниот санитарен и здравствен инспектоат (ДСЗИ) да врши контроли.

„Министерот Демири ќе донесе одлука со која на ДСЗИ ќе му наложи да постапува согласно законските надлежности предивидени со Закон за заштита на населението од заразни болести, како и да врши вонредни инспекциски надзори, односно увид во вакциналните потврди обезбедени од вакциналните пунктови за примена вакцина против голема кашлица“, наведено е во вчерашното соопштение од министерството.