Македонија За два дена откриени девет илегални мигранти во Кумановско

За два дена откриени девет илегални мигранти во Кумановско

Синоќа, околу 23 часот, полициска екипа при контрола на возило во близина на наплатната станица Романовце, открила пет илегални мигранти со потекло од Пакистан. Како што информираат од МВР, возилото, марка „бмв“, во кое биле мигрантите, го управувал 50-годишен српски државјанин.

Според полициските информации, еден ден претходно, при претрес на куќа на жител на кумановското село Ваксинце, полициски службеници го затекнале албанскиот државјанин Ф.С. (26), со кој биле и четворица мигранти од Сирија, Египет и од Алжир.

Од Министерството за внатрешни работи денеска информираат дека СВР Скопје поднело кривична пријава против 55-годишниот Т.Т. од Ваксинце, кој се товари за криумчарење мигранти. При претрес на неговиот дом, биле пронајдени 17 мигранти од Пакистан и од Иран. Судија на претходна постапка на осомничениот му одредил мерка притвор од 30 дена и тој веднаш бил спроведен во затворот „Скопје“, во населбата Шуто Оризари.