Здравје За безмалку една третина се намалил бројот на ковид случаи во рок...

За безмалку една третина се намалил бројот на ковид случаи во рок од една недела

Фото: Vladimir Fedotov on Unsplash

Вкупно 1.818 нови позитивни случаи од 30 градови во државата се регистрирани изминатата седмица што е намалување од 27,4 отсто во однос на минатата недела, покажува последниот извештај на Институтот за јавно здравје. Бројот, пак, на направени тестови за ковид-19 во периодот од 7 март до 13 март е намален за 12 отсто.

„Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години, а најмал број е регистриран кај возрасната група до 9 години“, наведено е во извештајот.

Во однос на претходната недела, има намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, со најзабележително намалување од 41,7 отсто во возрасната група до 9 години.

Согласно новиот алгоритам за оздравување во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 2.400 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување. Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 267 реинфекции, што е намалување од 28,2 отсто во однос на претходната недела.

Пријавени се 34 смртни случаи во 13 градови во текот на изминатата недела, што е 33,3 отсто помалку во однос на претходната недела. Најголем дел од нив се од Скопје (17). Во однос на возраста, регистрирани се 33 починати од возрасната група над 60 години и еден починат од возрасната група од 50-59 години.

На 17 февруари лани, во С. Македонија започна вакцинацијата против ковид-19. Заклучно со 12 март годинава, вакцинирани се вкупно 871.669 лица со барем една доза на вакцина. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 851.655 лица, а со трета доза се вакцинирани 147.223 лица.