Свет За 25 години, во светот се убиени 2.300 новинари

За 25 години, во светот се убиени 2.300 новинари

Најмалку 2.297 новинари и медиумски работници се убиени во изминатите 25 години додека го информирале светот за војни, револуции, криминал и за корупција.

Најновиот извештај на Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ) предупредува дека убијците и понатаму остануваат неказнети, односно само 10 отсто од убиствата се докрај истражени.

Во 1990 година, бројот на убиени новинари бил 40, но од 2010 година, тој број се зголемил на повеќе од 100 смртни случаи годишно.

– Последните 10 години беа најопасни – изјави генералниот секретар на ИФЈ, Енотни Беленџер, истакнувајќи дека најпогубна била 2006 година, кога биле убиени 155 новинари.

На врвот на листата најопасни земји во изминатите 25 години е Ирак, каде биле убиени 309 новинари, а најмногу во 2003 година. По Ирак, најризични се Филипини и Мексико.

Според извештајот на ИФЈ, во текот на изминатата година, во светот убиени биле 112 новинари, од кои 12 во напад на џихадистите на редакцијата на францускиот сатиричен весник „Шарли ебдо“ во Париз.