Македонија Вучиќ: Ципрас немаше забелешки за односите Белград – Скопје

Вучиќ: Ципрас немаше забелешки за односите Белград – Скопје

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека од грчкиот премиер Алексис Ципрас не чул никакви забелешки на сметка на односите меѓу Белград и Скопје.

– Ниту тој имаше што било да ни забележи нам, ниту, пак, имаше што да им забележи ним – рече Вучиќ, одговарајќи на новинарско прашање дали имало некакви забелешки од страна на Грција во односот помеѓу Србија и Македонија.

Вучиќ денеска го запозна грчкиот премиер со проектот „Белград на вода“.

Српскиот премиер изјави дека тој и Ципрас синоќа разговарале до доцна за тоа како двете земји да станат поблиски.
Ципрас денеска ја заврши дводневната посета на Србија за време на која на властите во Белград им пренесе дека Србија може да смета на поддршката на Грција кога станува збор за прашањето за Косово и за приближувањето кон ЕУ. Договорено е напролет во Солун да се одржи заедничка седница на двете влади, на која би требало да стане збор за конкретни мерки за зајакнување на соработката, особено на економски план.

Ципрас во Белград разговарал и со претседателот на Србија, Томислав Николиќ, со шефот на дипломатијата, Ивица Дачиќ, и со претседателот на Собранието, Маја Гојковиќ, и учествуваше на бизнис-форумот на српски и на грчки стопанственици.