Македонија Вработените во ФЗО најавија штрајк против намалувањето на платите

Вработените во ФЗО најавија штрајк против намалувањето на платите

Според најавите, од утре на шалтерите само ќе се прима документација, но ќе нема исплати на капитацијата за матичните лекари, за лековите за аптеки, за плати во јавно здравство, како и други услуги

Фото: Архива на Мета.мк

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов најави дека вработените во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) ќе штајкуваат заради најавеното намалување на платите. Трендафилов, во интервју за Радио Слободна Европа, информираше дека одлуката за штрајк е веќе донесена и ќе стартува од утре.

„Штрајкот е непопуларна мерка кон која прибегнуваат работниците и синдикатите само во ситуација во која немаат излез, кога ќе бидат ставени до ѕид. Се разбира дека егзистенцијата на работниците е најважна и работниците не можат да работат со намалување на платите за 21 отсто и решени да штрајкуваат. Жално е тоа што сите ние ќе трпиме поради ваквиот однос на функционерите, на мала врата да го спроведат ова намалување на платите и пак вината да ја префрлаат на синдикатите, вели Трендафилов.

Тој посочува дека работниците не се виновни за тоа што ќе им се намали платата и што ќе штрајкуваат, туку дека се виновни креаторите на политики. Трендафилов рече дека очекува разумни луѓе во Управниот одбор да донесат разумна одлука и да не го дозволат тоа и да не го блокираат функционирањето на ФЗО.

Синдикатите и претходно најавија дека доколку Управниот одбор на ФЗО одлучи да им ги намали платите на вработените за 21 отсто, ќе биде организиран штрајк. Според најавите, од утре на шалтерите само ќе се прима документација, но ќе нема исплати на капитацијата за матичните лекари, за лековите за аптеки, за плати во јавно здравство, како и други услуги.