Македонија Воената донација за Украина нема да ја наруши борбената готовност на Армијата

Воената донација за Украина нема да ја наруши борбената готовност на Армијата

Т-72 на АРМ. Фото: Википедија

Владата на РСМ има три донесени одлуки за донации за Украина, но од безбедносни причини тие се класифицирани како информации. Воената опрема и вооружувањето како донација за Украина, вклучувајќи ги и тенковите Т-72, се донесени како одлука со претходна консултација со Генералштабот на Армијата.

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска додава дека донацијата за Украина на никаков начин не влијае на ефикасноста и подготвеноста на армиските единици на земјава.

„Владата сметаше дека во услови кога една друга суверена, независна и самостојна држава е нападната, Украина, треба да помогнеме водејќи се од општите принципи на самостојност. Од тие причини ја донесовме одлуката за воена поддршка на Украина, во опрема и вооружување, затоа што Украина е државата што беше нападната и која се брани од агресија“, изјави министерката за одбрана Петровска.

Петровска додаде дека дел од донацијата се и тенкови, но и рече дека нема да каже во колкава количина е таа донација.

Министерката Петровска изјави дека досега се пристигнати шест од планираните 27 лесни оклопни возила од американско производство за армијата, кои ќе бидат изложени во среда на Воениот стадион во Скопје. Останатите возила ќе пристигнат до крајот на годината.

Таа информираше дека во фаза на набавка се и поголеми оклопни возила „Страјкер“, додека постојните руски хеликоптери постепено ќе се заменуваат со хеликоптери од американско или западноевропско производство.