Дописници Водата во Струшко повторно забранета за пиење

Водата во Струшко повторно забранета за пиење

Центарот за јавно здравје од Охрид изврши нови анализи кои покажуваат дека водата во струшките села Октиси и Франгово е неисправна за пиење.

Раководителот на Центарот, Атанаско Михаилов, информираше дека водата од водоводите во селата Октиси, Франгово и Калишта не е хлорирана и оти не смее да се употребува за пиење.

– Земавме примероци од водоводите во селата Октиси, Франгово и Калишта, со кои се утврдува дека нема хлор, а за два дена ќе видиме дали е исправна. Но, штом не се хлорира, очекувано е да има бактерии – изјави Михаилов.

Тој појасни дека примероците земени пред неколку дена покажале оти во водата од водоводот во Октиси има патолошки бактерии, ешерихија коли и ентерококи, во Франгово имало само ешерихија коли, додека во Калишта водата немала патогени организми, но не била хлорирана.

Директорот на јавното претпријатие „Проаква“ во Струга, Ајрон Ачиф, вели дека проблемот со хлорирањето на водата од селските водоводи е поради тоа што овластувањата се на месните заедници.

– Ние не раководиме со таа вода. Водата од селските водоводи не е во наша надлежност. Ќе бараме од Општината да ни помогне да ги вклучиме резервоарите за вода од селата во наша надлежност и да најдеме решение за жителите да пијат почиста вода и да не се појавуваат бактерии – изјави Ачиф.

Недостиг од хлор и појава на патогени бактерии неодамна имаше и во градскиот водовод во Струга, по што надлежниот инспекторат донесе забрана за употреба, а по редовното хлорирање, анализите покажале отсуство на бактерии и забраната за користење беше укината.