Свет Европа Во Украина загинаа хуманитарни работници, Зеленски изрази сочувство до семејствата

Во Украина загинаа хуманитарни работници, Зеленски изрази сочувство до семејствата

Четирите лица биле заробени во комбето кое се превртело и запалило откако било погодено од граната во близина на градот Часив Јар

Фото: ukrinform.net

Украинскиот претседател Володимир Зеленски доцна синоќа им изрази сочувство на семејствата на двајцата странски хуманитарни работници, кои загинаа кога нивното комбе беше погодено од руски противтенковски проектил во Доњецк.

Зеленски кажа дека Ентони Игнат од Канада е убиен и дека најверојатно и Ема Игуал од Шпанија исто така загинала во нападот. Двајца други доброволци, германскиот државјанин Мавик Рубен и шведскиот државјанин Јохан Матијас, биле тешко повредени и се лекуваат во болниците во Днипро. Четирите лица биле заробени во комбето кое се превртело и запалило откако било погодено од граната во близина на градот Часив Јар.

„Ова гранатирање од страна на Русија уште еднаш потврдува колку е блиска војната против Украина за сите во светот кои вистински го ценат човечкиот живот и кои веруваат дека е заедничка морална должност на човештвото да го запре теророт и да го победи злото“, напиша тој во објава на Телеграм.

Во меѓувреме, германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок, за време на нејзината денешна посета на Киев, кажа дека местото на Украина е во ЕУ.

„Украина може да се потпре на нас и на нашето разбирање за проширувањето на ЕУ како неопходна геополитичка последица на руската војна. Украина веќе има кандидатски статус и сега се подготвуваме да донесеме одлука за отворање на пристапните преговори со ЕУ“, кажа Баербок.