Здравје Во Тетово ќе се одржи манифестацијата „Празник на музиката“

Во Тетово ќе се одржи манифестацијата „Празник на музиката“

„Да ја прославиме музиката заедно – музиката ги спојува луѓето“ е мотото на годинешното шесто издание на фестивалот „Празник на музиката“, кој вечерва ќе почне во Тетово.

Манифестацијата е во организација на Француската алијанса и Центарот за балканска соработка „Лоја“.

– Целта на оваа манифестација, која во Франција почнала пред 36 години, е да им се овозможи на луѓето што знаат да пеат и да свират, тоа да го направат на отворено, во кое било населено место – изјави Жули Шамберлен, директорка на Француската алијанса.

Фестивалот кој ќе се одржи на улицата Јане Сандански, зад Центарот за култура „Ило Антески Смок“, ќе почне во 18 часот, со настап на учениците од Музичкото училиште „Тодор Скалоски Тетоец“. Потоа ќе настапат хорот на Културно-уметничкото друштво „Иљо Антески Смок“, хипхоп-групата „Ексосаунд“, блуз-составот „Блуз де лукс“ и рок-групата „Кепардат“. Програмата ќе заврши со настап на диџејот Балта.