Дописници Во Тетово изгоре кат од куќа на пожарникар

Во Тетово изгоре кат од куќа на пожарникар

Кат од куќа во близина на средното текстилно училиште во Тетово целосно изгоре во пожар. Објектот е сопственост на лице вработено во тетовската противпожарна единица, кој во моментот на избувнувањето на пожарот бил на работа.

Тој заедно со своите колеги интервенирал во гасењето на пламените јазици, кои веќе се целосно локализирани.

– Јас и татко ми бевме на работа додека другите четирите мали деца, мајка ми и жена ми беа тука, но успеаја да излезат – рече Бесир Сулејмани, сопственик на опожаренот дом.

Пожарот пламнал околу 11 часот.

– Материјалната штета е огромна, но среќа во оваа несреќа е што немаме повредени ниту од тие што живееле тука ниту од пожарникарите што учествуваа во гасењето на пожарот. Куќата е на наш колега, пожарот не бира и, ете, случајно се погоди тој самиот да е на смена кога се појавил пожарот – изјави командирот на тетовската противпожарна единица, Ука Алити.

Во пожарот интервенирале три возила и 17 пожарникари. Се претпоставува дека пожарот најпрвин избувнал во оџакот од објектот.