Економија Во Словенија министрите за земјоделство потпишаа декларација за соработка

Во Словенија министрите за земјоделство потпишаа декларација за соработка

На денешниот состанок во Словенија, министрите за земјоделство од Централна и Источна Европа и од Кина кои се дел од платформата за соработка во областа на земјоделството „16+1“, усвоија заедничка декларација за зголемување на трговската соработка.

Со оваа декларација тие се обврзаа за преземање на мерки кои ќе ја олеснат трговската соработка, а мерките се однесуваат и на преработка на земјоделски производи, развој на рурални средини, научни истражувања, поттикнување на заеднички инвестиции и поддршка на земјоделски компании за да се направат инвестиции во рамките на платформата „16+1“.

Во своето обраќање на Форумот, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, истакнал дека меѓународната трговија и синџирот за снабдување со храна, како на глобално, така и на локално ниво, се значаен фактор за ублажување на сиромаштијата.

„Земјоделството игра важна улога во македонската економија, бидејќи тоа е третиот најголем сектор веднаш по услугите и индустријата. Владата постави амбициозна агенда и ќе направи сериозни интервенции, за да се постигне конкурентност на земјоделскиот сектор преку зголемување на производството, висок квалитет на производите, стандардите на безбедност на храната и одржливото искористување на природните ресурси“, изјави Николовски.