Македонија Во синоќешното дивеење се испокршени стакла на собраниската зграда, оштетена е и...

Во синоќешното дивеење се испокршени стакла на собраниската зграда, оштетена е и фасадата (фото)

Извор: Собрание на РСМ

Испокршени стакла и оштетена фасада на Собранието на РСМ е епилогот од синоќешните насилни протести што се одржаа пред законодавниот дом. Од Кабинетот на Претседателот на Собранието на РСМ информираат дека законодавниот дом синоќа беше повторно мета на лицата што протестираа, кои со насилно однесување, хулиганство, користење на тврди предмети, изразување на вербални закани и поттикнување омраза кон сите кои не мислат како нив, го изразија својот став и мислење во однос на францускиот предлог.

„Јас признавам и поддржувам сечие право на протест, на искажување став, меѓутоа, тоа не значи да се повредуваат полициски службеници кои ја извршуваат својата должност, тоа не значи да се предизвика материјална штета која повторно ќе се одрази негативно врз сечиј буџет, и тоа не значи да се искажува навреда и да се поттикнува омраза кон припадници на друга заедница, рамноправни граѓани на Република Северна Македонија. Сите сме засегнати од актуелната политичка, безбедносна, економска ситуација и сите заедно ќе придонесеме во што побезболно надминување на истата, меѓутоа не на овој начин, ова не е решение“, се вели во изјавата на собранискиот спикер Талат Џафери.

Како што утрово информираше Министерството за внатрешни работи (МВР), за време на вчерашните насилни протести биле повредени 47 полицајци, од кои 11 со потешки повреди и двајца со посериозни повреди. Полицијата приведе 11 лица кои учествувале во нередите.

Единаесет приведени демонстранти и 47 повредени полицајци, Спасовски: Насилството е сериозен удар за демократијата