Единаесет приведени демонстранти и 47 повредени полицајци, Спасовски: Насилството е сериозен удар за демократијата

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Единаесет лица се приведени, а 47 полицајци се повредени од кои 11 со потешки и двајца со посериозни повреди по вчерашните насилни протести против прифаќањето на предлогот на Европската унија за кревање на бугарското вето и започнување на преговорите за членство на Македонија.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска ги посети двајцата полицајци со сериозни повреди кои се сместени на скопската Клиника за неврохирургија, по што посочи дека во Република Северна Македонија нема место и нема оправдување за насилство.

Фото: МВР

Тој нагласи дека напад врз полициски службеник е сериозно кривично дело и такви постапки нема да се толерираат.

„Секој дијалог треба да се води во институциите на системот, а македонската полиција е токму гарантот за безбедноста на тие институции, на државата и нејзините граѓани”, рече министерот Спасовски, при што упати  апел до граѓаните да не потпаѓаат под никакви провокации, чија намена, како што изјави Спасовски, очигледно е нечесна и исклучиво водена од мотивите за остварување на политички цели, а организаторите на протестите и граѓаните ги повика да покажат демократски капацитет. Тој ги повика граѓаните на разум потсетувајќи на немилите настани од 27 април 2017 година кога организирана толпа влезе во Собранието и ги нападна пратениците.

„Повикувам до секој еден – да победи здравиот разум, никогаш повеќе да не ни се повтори 27 април, да не ни се повторат ни вчерашните насилства – сето тоа претставува сериозен удар врз демократијата”, подвлече Спасовски, при што изрази благодарност до граѓаните за поддршката на МВР, како и до медиумите за објективното информирање.

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Синоќешните нереди траеја три и пол часа и започнаа пред владиното седиште, продолжија пред Министерството за надворешни работи, за да кулминираат пред Собранието на РСМ.

„На сите повредени полициски службеници им е укажана лекарска помош, а потешко повредените се пренесени во медицинските установи за санирање на повредите и медицинска нега“, информираат од МВР.

Заедно со Спасовски во посета на повредените беа и заменик-министерот за внатрешни работи Назим Буши, директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, како и заменик-директорот на БЈБ Ариф Асани.

Од МВР велат дека за време на протестите од страна на полицијата не биле употребени ни пиротехнички, ниту хемиски средства за разбивање на толпата.

„МВР презема мерки за расчистување на случајот и апелира до организаторите на протестите и до граѓаните да покажат демократски капацитет, протестите да бидат мирни и демократски, да ги сочуваме редот, мирот и безбедноста. Преку насилство кон оние коишто го одржуваат редот, кон македонската полиција и објектите на институциите, не се постигнува ништо“, велат од МВР.

И премиерот Димитар Ковачевски денеска ги осуди нападите врз полицијата, истакнувајќи дека иако протестите се демократско право, насилството не може да се оправда со ништо.

Тој најостро го осуди нападот врз полицијата која синоќа беше на висина на својата задача, професионално штитејќи ги граѓаните и државните институции.

„Насилството и омразата не се, и не може да бидат решение на ниту еден проблем. На потпалувачите на протестите ќе им порачам – не манипулирајте и не злоупотребувајте млади луѓе за да ги задоволите вашите политички апетити. Вашето сценарио синоќа резултираше со над 40 повредени полицајци и над десетина приведени. 27 април нема да се повтори”, вели премиерот Ковачевски.

Извор на фотографија: ВМРО-ДПМНЕ

Од владејачката партија СДСМ велат дека граѓаните биле сведоци на нови инциденти и насилство на протестите организирани од ВМРО-ДПМНЕ и нивниот партнер, проруската партија Левица пред Собранието.

„Протестот е загарантирано право но насилството е кривично дело и одговорност за ова мора да понесат сите инволвирани“, се наведува во соопштението на СДСМ.

И покрај насилните вчерашни протести во Скопје, организаторите и за денеска вечер најавуваат нов протест пред владиното седиште, Министерството за надворешни работи и Собранието на РСМ. Министерот Спасовски посочи дека МВР очекува и денеска повторно да има насилство.