Македонија Во шест скопски општини отстрaнети 2.754 кубни метри смет

Во шест скопски општини отстрaнети 2.754 кубни метри смет

Екипите на јавните градски претрпијатија досега ги исчистија улиците и јавните површини во општините Аеродром, Бутел, Гази Баба, Кисела Вода, Центар, Чаир и во Шуто Оризари и оттаму отстранија 2.754 кубни метри смет, информираат од Град Скопје.

Последниве два дена акцијата се спроведува во Општината Карпош, а во текот на наредните денови работите ќе се преселат во општините Ѓорче Петров и Сарај.

„Целта на оваа голема акција е чистење и миење на улиците од прашината што со години се таложи и претставува една од краткорочните мерки за намалување на загадувањето во градот. Екипите на јавните градски претпријатија, засилени со дополнително ангажираните работници, деновиве ги метеа и ги миеја градските улици и булевари, ги расчистуваа јавните површини од отпадоци, ги отстрануваа дивите депонии, ги чистеа шахтите, сливниците и канализациската мрежа, ги кастреа гранките на дрвјата и го чистеа зеленилото“, се вели во соопштението на Град Скопје.

Со оваа голема акција за чистење, опфатени се сите 10 општини во Скопје. Акцијата се очекува да трае околу 20 дена. По завршувањето на чистењето на улиците, работните активности ќе продолжат на кејот на реката Вардар.

За оваа акција Град Скопје ангажираше неколку стотини невработени лица, кои се повикани во соработка со Министерството за труд и социјална политика и со Агенцијата за вработување.