Македонија Во септември бројот на туристи пораснал за 12,8 отсто

Во септември бројот на туристи пораснал за 12,8 отсто

Над 960.000 туристи, од кои над 600.000 странци, имале можност да се запознаат со нашата земја во првите девет месеци од годинава. Според податоците на Државниот завод за статистика, и во септември бил забележан пораст на бројката на туристи и остварени ноќевања во земјава.

Бројот на туристи во деветтиот месец од годинава е зголемен за 12,8 отсто во споредба со идентичниот месец лани, додека бројот на ноќевања пораснал за 6 отсто. Главен придонес во позитивниот развој на туризмот дале странските туристи, чиј број во текот на септември пораснал за 17,4 отсто.

Во периодот јануари – септември 2019 година, вкупниот број на туристи во земјава бил зголемен за 3,4 отсто, додека бројот на ноќевања во првите девет месеци пораснал за 1,9 отсто.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека најмногу туристи во септември дошле од Турција, а по нив следуваат посетителите од Полска, Србија, Германија и Бугарија.