Ctrl - Z Во понеделник започнува Драмскиот аматерски фестивал во Кочани

Во понеделник започнува Драмскиот аматерски фестивал во Кочани

фото: ДАФ 2020

Со монодрамата „Лидија, или сè што знам за жените“ која ќе биде изведена пред Споменикот на слободата во Кочани, во понеделник започнува 57 издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија.

Пандемијата со корона вирусот ги промени плановите на организацијата, па, наместо во мај, како што беше досега, фестивалот ќе се одржи во септември и октомври. Поради новонастанатата ситуација, претставите ќе се прикажуваат на отворено и само за време на викенд.

Годинава се одбележува 57-то издание, и 61 година од раѓањето на фестивалот / фото: ДАФ 2020

Во разговор за „Мета.мк“, претседателот на Собранието на ДАФ, Дарко Спасов, објаснува како ќе изгледа одвивањето на една театарска претстава на овогодинешниот фестивал. Тој вели дека со реорганизација започнале уште од почетокот на пандемијата и дека ќе бидат следени сите препораки од страна на надлежните за организирање на вакви настани.

„Театарската претстава како форма и содржина нема да се промени, единствено организацијата околу настаните е изменета и претставите ќе може да ги следат помал број посетители. Затоа фестивалската управа ќе го следи Владиниот протокол за организирање настани, во кој, меѓу другото, е јасно наведено задолжително носење на лична заштита на лицето за сите посетители и сите членови на тимовите задолжени за организација, задолжително мерење на температура на влез за секој посетител и за членовите на тимот и учесниците, задолжително одржување на физичко растојание од 1,5 метри на сите посетители и задолжителна дезинфекција на раце“, појаснува Спасов.

фото: ДАФ 2020

Покрај Споменикот на слободата, другите локации каде ќе бидат одигрувани претставите се летната сцена на Центарот за култура „Бели Мугри“,  градскиот парк и трговскиот центар во Кочани.

Поради строгиот протокол, предвиден е ограничен број на посетители, па ќе има приближно четириесет места за седење. Спасов вели дека оваа година е најтешката година за фестивалот. Ќе бидат прикажани и помал број на аматерски претстави во споредба со претходните изданија.

Дарко Спасов, претседател на Собранието на ДАФ / фото: лична архива

„Кога дојдов на позицијата директор на фестивалот пред три години, истиот броеше публика од околу 800 посетители. Со новиот тим потоа успеавме да обезбедиме карти за дури 1.700 посетители. Ова е најтешката година за фестивалот со значително помала публика. Но, и покрај тешките услови за работа на театарските групи во услови на пандемија, сепак се пријавија доволен број театарски групи за одржување на фестивалот, така што оваа година имаме 15 настани, од кои 5 се аматерски театарски престави. Како за споредба, на минатото издание  имавме 13 аматерски претстави на репертоарот на фестивалот“, додава Спасов.

Фестивалот  годинава ќе биде од ревијален карактер. Осумте награди, меѓу кои и Гран-при наградата „Васил Ќортошев“, нема да бидат доделени. Но, организаторите најавуваат враќање на фестивалот во полн сјај догодина. „Без оглед на околностите, драмскиот аматеризам не смее да згасне“, вели Спасов.

„Овој фестивал е единствен во нашата држава што го негува, закрилува и поттикнува драмскиот аматеризам. И покрај сите потешкотии ние не се откажавме. 2020 е престапна година, па ќе ја сметаме за престапна скала до подобри времиња во 2021. Догодина одиме во полн ек со организацијата. Театарот пак ќе заживее. Кочани е секогаш добар домаќин на аматеризмот“, додава тој.

Изведба на претстава на ДАФ 2019 / фото: ДАФ

Победникот на ДАФ  секоја година учествува на фестивал во Требиње, Република Српска, а тамошниот победник заминува во Франција.

Спасов упати благодарност до сите млади волонтери од кочанската гимназија „Љупчо Сантов“, без кои, како што вели, фестивалот не би постоел.

Драмскиот аматерски фестивал е еден од најстарите фестивали во државата. За првпат се одржал во 1961 година, истата година кога е одржано и првото „Охридско лето“. Во Кочани доаѓа во 1977, и оттогаш станува културен белег на градот.