Дописници Во Охрид привршува снимањето на филмот „Дедо и внук“ на Илија Пиперкоски

Во Охрид привршува снимањето на филмот „Дедо и внук“ на Илија Пиперкоски

Македонскиот режисер Илија Пиперкоски, кој живее и работи во Букурешт, каде е на постипломски студии на Филмската академија, во Охрид го привршува снимањето на неговиот прв и, како што вели, „целосно охридски филм“, „Дедо и внук“.

Снимањето почна на 21 април, во истата куќа во старото градско јадро на Охрид, каде, во 1961 година, е снимен филмот „Мирно лето“. Тој за „Мета“ изјави дека премиерата на филмот се очекува да биде во Охрид следната година.

– Откако се запишав на филмска академија, го чекав овој ден. Не дека претходно не сум правел кратки филмови, но, знаете, кога снимате игран филм, чуството е друго, многу поинаку може да се изразите и во поинаков формат може да ја искажите приказната – додава Пиперкоски кој, воедно, овојпат се јавува и како сценарист.

Пиперкоски претходно ги сними краткиот филм „Матасари“, документарецот „Јас и мојот живот без некои работи“, „Чистилиште на душата“, документарно-играниот филм „Последниот Македонец – Патот до истребување“.