Главна секција Во Македонија сè уште има институции без директори и вработени (инфографик)

Во Македонија сè уште има институции без директори и вработени (инфографик)

Македонија има институции кои се неефикасни во давањето услуги на граѓаните. Меѓу нив има и такви што немаат ниту вработени, ниту директори, некои имаат директор, но немаат вработени, а некои имаат вработени а немаат директор. Се очекува дека, до крајот на годината, анализата за спојување на институции ќе биде подготвена со цел да се намали бројот на неефикасните институции и со тоа да се заштеди државниот буџет, пишува „Порталб.мк“.

Македонија има вкупно 1.299 државни институции, што се смета дека е превисока бројка. Овој голем број претставува товар за џебовите на граѓаните. Владата најавува дека бројот на институции ќе се намали, преку распуштање на институции кои немаат вработени, но и преку спојување на институции кои имаат слични или исти надлежности.

Над 30 институции немаат ниту еден вработени, а некои пак имаат само раководител или само еден вработен. Токму овие институции ќе бидат мета на „расчистувањето“ со цел да се намалат трошоците и да се зголеми ефикасноста во јавната администрација.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, изјави дека ја чекаат на анализата и дека проблемот ќе биде решен во декември.

„Ја чекаме конечната анализа, конечниот резултат на овој проект, за да можеме да ги решиме сите овие проблеми. Не одиме на решавање на проблемите поединечно затоа што сакаме навистина да видиме точно каде се поврзуваат надлежностите, а тоа се решава системски. Крајот на оваа година значи и решавање на проблемот со овие институции“, рече Манчевски за „Алсат“.

И од Европската Унија препораките се јасни, да се намали бројот на институции. Бројот на вработени во јавниот сектор во Македонија според официјалните бројки од 2018 година е 139.009.

Според експертите, овој број е голем и треба да се работи на негово намалување. Најавите од Владата се дека нема да има отпуштања од работа, но дека ќе има реорганизација, односно преструктуирање и оптимизација на вработените.

Во време кога имаме голем број институции и вработени, парламентарното мнозинство на 7 февруари годинава, иако НВО секторот реагираше остро, го усвои Законот за изменување и дополнување на законот за јавни претпријатија, со што стапи на сила позицијата на заменик директор на јавните претпријатија.