Македонија Во Кривичниот суд денеска сведочеше мајката на Вања Ѓорчевска

Во Кривичниот суд денеска сведочеше мајката на Вања Ѓорчевска

Судењето ќе продолжи вo среда со сослушување други сведоци

Фото: Мета.мк

Во скопскиот Кривичен суд денеска Зорица Ѓорчевска, мајка на убиената Вања Ѓорчевска, кажа дека таткото на девојчето Александар Ѓорчевски, од првиот момент тврдел дека неговата ќерка е киднапирана, со образложение дека „немало што друго да е во прашање“.

„Не ме обвинуваше мене за ништо. Со пријател гледаа камери во едната соба. Јас бев со едни инспектори, тој со други инспектори. Во недела на 3 декември заедно и мене и него нè повикаа во полициска станица. Нè одвоија и ми кажаа дека Вања е пронајдена мртва и ме однесоа да ја идентификувам. Вечерта од медиумите дознав дека Александар е притворен“, рече Зорица Ѓорчевска.

Таа кажа дека на 9 септември се вселиле во зградата од која Вања беше грабната.  Ѓорчевска пред судот кажа дека поседува повеќе станови кои биле наследство од нејзините родители. Едниот од становите бил препишан на нејзиниот сопруг, по што било договорено двата стана да ги препишат на двете ќерки.

„Се грижеше за децата, но знаеше и да викне по нив. Понекогаш децата му замеруваа. Мојата плата беше клучна, ама даваше и тој кога требаше да се дава. Ги носеше на одмор. Кога се роди втората ќерка престана да работи и не работеше додека не се разведовме. На 26.11 Александар ми пратил порака дека ѝ пишал на Вања да се облече топло, со дуксер и хулахопки бидејќи ќе биде ладно. Често знаеше да соли памет како треба детето да се пушти на училиште“, рече Ѓорчевска.

Мајката кажа дека двете сестри вообичаено излегувале за на училиште во 7 и 20, но тој ден сестрата на Вања губела прв час и класната претходниот ден ја известила за тоа.

„Таа остана дома, а Вања околу 7 и 20 се подготви и излезе за на училиште. Јас излегов како што излегувам, во 15 за 8 тој период, одам пешки на работа. Во моментот кога излегов надвор, ми пристигна порака од класната дека Вања ја нема на првиот час. По добивањето на пораката, ја проверив локацијата на мобилниот телефон на Вања и видов дека локацијата е во близина на кафулето „Фитнес Хаус“. Незнаејќи што да правам, се јавив кај класната да ѝ кажам дека Вања ја нема. Одлучив да му се јавам на Александар и нему да му кажам дека Вања ја нема и да се симне бидејќи доаѓам накај него. По пат уште вртев но Вања беше недостапна. Кога стигнав пред зградата Александар излегуваше од зградата. Веќе околу 8 часот на 112 алармирав дека детето го нема. Со автомобилот на Александар се упативме на местото каде последен пат е забележан сигналот на телефонот. Излегов од автомобилот, почнав да викам „Вања, Вања!“. Имаше една напуштена куќа, ја пребаравме целата“, зборуваше мајката.

Владимир Туфекџиќ, адвокатот на таткото Александар Ѓорчевски оцени дека исказот на мајката на Вања е многу битен и оди во насока на тоа дека Александар нема никаква инволвираност со кривичното дело.

Во судницата денеска сведочеше и ќерката на убиениот Панче Жежовски од Велес. Таа рече дека нејзиниот татко со години имал судски спор со Велибор Манев, еден од осомничените за неговото убиство. Станувало збор за градежни работи што Манев ги вршел во дворот на Жежовски, а кои наводно му останале не до крај исплатени и со години биле предмет на судски спорови.

Судењето ќе продолжи вo среда со сослушување други сведоци. Љупчо Палевски е обвинет за организирање на грабнувањата и извршување на убиствата, а како соизвршители се обвинети Влатко Кешишов, Боре Видевски и Велибор Манев. Таткото Ѓорчевски се товари за помагање при грабнување.