Свет Балкан Во Косово избрани 19 од 38 градоначалници

Во Косово избрани 19 од 38 градоначалници

На седмите по ред локални избори што во неделата се одржаа во Косово, откако се пребројани сите гласови, стана јасно дека од вкупно 38 општини, во првиот круг се избрани 19 градоначалници. Во доминантно српските општини, пак, победа прогласи Српска листа.

Најголем успех на изборите забележа Демократскиот сојуз на Косово, партијата на поранешниот премиер Иса Мустафа. Таа во првиот круг освои четири градоначалнички места, и тоа во Пеќ, во Липљан, во Витина и во Косово Поле, додека во вториот круг свои кандидати ќе има во 10 општини.

Партијата на актуелниот премиер Рамуш Харадинај, Алијанса за иднината на Косово, ги освои општините Дренаси и Јуник, додека во вториот круг за градоначалнчка функција ќе се тркаат шестмина нејзини кандидати.

Катастрофални резултати забележа движењето Самоопределување на Висар Имери, кое не освои ни едно градоначалничко место, а во вториот круг свои кандидати ќе има во шест општини.

Во десетте мнозинско српски општини во Косово, победа прогласи Српска листа. Фактите говорат дека во вториот круг оваа коалиција ќе мора да си ги измери силите во шест општини. Сепак, во неделата, лидерот Горан Ракиќ рече дека партијата е вистински победник оти освоила 80 отсто од гласовите.