Македонија Во јануари 26 компании почнале да произведуваат струја со фотоволтаици за сопствени...

Во јануари 26 компании почнале да произведуваат струја со фотоволтаици за сопствени потреби

Извор на фотографија: Влада на РСМ

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) минатиот месец издала лиценци за работа на 26 фотонапонски електроцентрали со моќност од 6 MW за производство на електрична енергија од обновливи извори. Станува збор за домашни стопанственици кои инвестирале во фотонапонски централи за да обезбедат струја за производствените потреби. Дел од стопанствениците кои добиле  лиценци произведуваат мебел, кондиторски производи, а дел од нив се и од фармацевтскиот сектор.

Според Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика, во земјава за една година се изградени фотонапонски електроцентрали со вкупен инсталираниот капацитет што е поголем од ТЕЦ Осломеј. Струјата од сонце, смета тој, се покажа како главен штит на приватниот сектор во борбата за економски  опстанок, зголемена конкурентност, раст и развој.

„Интересот на приватниот сектор за инвестиции во фотоволтаични централи е висок, за само 13 месеци, РКЕ има издадено лиценци за вкупно 293 централи со вкупниот инсталиран капацитет од 158.2 MW што се во функција и од кои се произведува електрична енергија од обновливи извори,“ вели Бислимоски.

Во 2022 година, РКЕ издала лиценци за вкупно 267 централи, што е двојно повеќе од донесените одлуки за издавање на лиценци во претходните пет години. Од 2017 до 2021 година донесени се 146 одлуки за издавање на лиценци.