Македонија Во изминатово деноноќие имало 52 пожари, воздухоплови гасат меѓу Лозово и Велес

Во изминатово деноноќие имало 52 пожари, воздухоплови гасат меѓу Лозово и Велес

Започнат е пожар на квалитетна борова шума меѓу Лозово и Велес, за кој ЦУК ангажира и воздухоплови за гаснење

Извор на фотографија: Центар за управување со кризи

Во изминатово деноноќие имало 52 пожари на отворено, од кои утрово како активни се водат четири, информираат Центарот за управување со кризи (ЦУК). Меѓу активните пожари, кај селото Белица во Општина Македонски Брод гори ретка борова шума на тешко пристапен терен. Во Општина Велес, меѓу селата Иванковци и Мамутчево гори борова шума.

Во Општина Сарај кај селото Кондово гори ниска вегетација, стрниште и мешана шума, а овој пожар го гаси и хеликоптер на Министерството за внатрешни работи.

„Пожарот е утрово под делумна контрола, па по дејството на ангажираниот хеликоптер и неговото извидување ќе се процени дали има потреба од ангажирање и други хеликоптери“, соопштија од Центарот за управување со кризи.

Во Општина Куманово активен е пожарот кај селото Шупли Камен, каде гори ниска вегетација и стрниште.

Започнат е и пожар на квалитетна борова шума меѓу Лозово и Велес, за кој ЦУК ангажира и воздухоплови за гаснење. За неговото гаснење е ангажиран хеликоптер на МВР, а после 10:30 часот ќе полетаат и два противпожарни авиони „ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување.