Главна секција Во изминатите 24 часа направени се 309 тестирања а потврдени 20 новозаболени...

Во изминатите 24 часа направени се 309 тестирања а потврдени 20 новозаболени од Ковид-19

Фото: Арбнора Мемети

Во изминатите 24 часа направени се 309 тестирања, а потврдени се 20 нови случаи на Ковид-19 што изнесува 6,5 отсто од бројот на тестови. Најголем дел од новозаболените се во: Скопје-10, Прилеп-5, Тетово-4 и Велес-1, информираат од Министерството за здравство.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1.694, бројката на оздравени пациенти е 1.229, на починати е 95, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 370, од кои 129 се од Скопје.

Министерството за здравство информира дека денеска Институтот за јавно здравје регистрирал 24 оздравени пациенти во: Скопје-12, Прилеп-7, Тетово-3, Кавадарци-1 и Пехчево-1.

Од Ковид-19 во изминатото деноноќие починаа три лица. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје почина пациентка од Прилеп на 59 години, која била хоспитализирана на 7 мај. Во болницата во Велес почина пациент на 76-годишна возраст, хоспитализиран на 6 мај, додека пациентка од Тетово на возраст од 68 години почина на пат кон Инфективната клиника во Скопје, упатена од Клиничката болница во Тетово.

Во последните 24 часа на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби примени се четири пациенти, а вкупно хоспитализирани се 38. На кислородна поддршка се 20 пациенти, на механичка вентилација е еден пациент.

Во ГОБ „8 септември“ примени се пет нови пациенти, а вкупно хоспитализирани се 18. На респираторна машина се четири пациенти и уште три се со потешка клиничка слика.

Во болницата во Битола се хоспитализирани два пациенти, а на домашно лекување се следи еден пациент. Во болницата во Штип се хоспитализирани вкупно шест, а уште еден пациент се следи на домашно лекување.

На инфективните одделенија во Тетово, Велес, Куманово, Прилеп и Охрид се хоспитализирани 47 пациенти позитивни и сомнителни на Ковид-19.