Македонија Во избирачкиот список има 1.805.707 гласачи

Во избирачкиот список има 1.805.707 гласачи

Бројот на гласачи во избирачкиот список е 1.805.707, а јавниот увид ќе трае до 23 август, информираше денеска Државната изборна комисија.

По завршувањето на јавниот увид, а најдоцна до 7 септември, ДИК ќе го заклучи избирачкиот список во кој се извршени сите промени кои произлегле од јавниот увид и оттаму очекуваат бројката од 1.805.707 гласачи да се промени.

Јавниот увид ќе се врши во просториите на подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија, низ целата територија на Република Македонија, како, како и електронски на официјалната интернет страница на ДИК.

Увидот во подрачните одделенија и канцеларии ќе може да се врши секој ден од 9 до 19 часот, а на 23 август до 24 часот.

Денеска започна и пријавувањето за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва и конзуларните канцеларии на Република Македонија во странство кое ќе трае до 23 август.

Државјаните на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство, за гласање во странските држави можат да се пријават директно во дипломатско-конзуларните претставништва и конзуларните канцеларии на Република Македонија во странство, или електронски, преку веб апликацијата dijaspora.sec.mk објавена на интернет страницата на ДИК.

Од ДИК информираат дека до денеска можноста за пријавување преку веб-апликацијата ја искористиле вкупно 19 граѓани.

ДИК ќе отвори избирачки места во сите ДКП каде за гласање ќе се пријават над 10 избирачи, додека во ДКП во кои ќе има над 1.000 пријави ќе бидат отворени и дополнителни избирачки места.

Гласањето во странство ќе се одржи на 29 септември, еден ден пред денот определен за референдумот, од 7 до 19 часот според временската зона во ДКП.