Дописници Во Истанбул претставен струшкиот поетски фестивал

Во Истанбул претставен струшкиот поетски фестивал

Меѓународната манифестација „Струшки вечери на поезијата“ беше претставена на Интернационалниот поетски фестивал во Истанбул, каде паралелно се одржува и Меѓународен саем на книгата.

Презентацијата е дел од соработката со фестивалот во Истанбул во рамките на која се предвидени низа активности, како преведувачки работилници, издавачки проекти и претставување на најзначајните поетски творци во рамките на обата фестивала.

Пред публиката пригодно се обратија директорот на СВП, Мите Стефоски, и претседателот на управниот одбор, Славе Ѓорѓо Димоски.

Тие зборуваа за историјата, структурата и за значењето на фестивалот и за неговата улога во промоција на врвните поетски дострели во светската поезија, како и за промоцијата на македонската поезија во светот.

Низ прикажувањето на пригоден видеозапис, беше претставено последното издание на фестивалот, а преку изложба се презентираше издавачката продукција на СВП, во која се објавени репрезентативни избори од врни светски поети, добитници на наградата „Златен венец“, антологии на национални поезии и други изданија.