Македонија Во февруари произведена 80 отсто повеќе струја во однос на истиот месец...

Во февруари произведена 80 отсто повеќе струја во однос на истиот месец лани

Виктор Андонов, соработник за енергетика во Влада на Република Северна Македонија / фото: Влада на РСМ

Во февруари, Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) и ТЕЦ Неготино произвеле 80 отсто повеќе електрична енергија во однос на истиот месец минатата година, информираше денеска владиниот соработник за енергетика Виктор Андонов, кој ги презентираше најновите информации за енергетската состојба во земјава.

„Во месец февруари 2023 година, од капацитетите на ЕСМ и ТЕЦ Неготино произведени се вкупно 504.338 MWh електрична енергија, и споредено со февруари 2022 година, кога производството на електрична енергија изнесувало 280.353 MWh, претставува зголемување за 80%. Во првите два месеца од оваа година, јануари и февруари, вкупното производство на електрична енергија од капацитетите на ЕСМ и ТЕЦ Неготино изнесува 1.065.689 MWh, и споредено со истиот период во 2022 година, кога било 714.362 MWh, и претставува зголемување за 49%“, информираше Андонов.

Според него, зголеменото домашно производство на електрична енергија го одржува трендот на пораст, а тоа е клучно за ублажување на последиците од енергетската криза, како и за креирање на мерки за поддршка на најранливите категории на граѓани и на стопанството.

„Денес бевме сведоци и на потпишувањето на грантот од 80 милиони евра од Европската Комисија, токму за справување со енергетската криза, кој беше најавен во октомври 2022 година од претседателката на комисијата, Урсула Фон дер Лајен. Европската Комисија ги слушна нашите барања и на земјите од Западен Балкан, и одобри средства за справување со енергетската криза во овој дел од Европа“, рече Андонов.