Свет Во Еквадор вонредна состојба поради активација на вулкан

Во Еквадор вонредна состојба поради активација на вулкан

Претседателот на Еквадор, Рафаел Кореа, прогласи вонредна состојба во земјата поради засилените активности на вулканот Котопакси и како мерка на претпазливост нареди евакуација на повеќе стотици луѓе од селата во близина на вулканот.

Вонредната состојба им дава на властите поголемо овластување како и користење на средства од буџетот за реагирање во случај на ерупција на вулканот.

Советникот на претседателот Корее Алексис Мера изјави дека властите биле поттикнати да ги евакуираат селата поради брзиот проток на топол гас и камења.

Вулканот Котопакси, кој се наоѓа во близина на главниот град Кито, во петокот исфрлил облак со пепел висок дури пет километри, а сива прашина ги покрила патиштата, куќите и автомобилите во околината, но дури и на 50 километри оддалеченост од Кито.

Властите го ограничиле пристапот до паркот кој го опкружува вулканот и забраниле искачување на неговиот врв кој е популарен помеѓу планинарите.

Котопакси кој е висок 5.987 метри, започнал да покажува засилена активност уште во април. Последната негова ерупција се случила во 1877 година.