Македонија Во државата се случуваат сериозни повреди на човековите права, сметаат младите правници

Во државата се случуваат сериозни повреди на човековите права, сметаат младите правници

„Во државата се случуваат сериозни повреди на основните човекови слободи и права. Дискриминацијата е присутна и евидентна кон припадниците на ромската етничка заедница, ЛГБТИ-заедницата, политичките неистомисленици и жените. Лицата лишени од слобода се соочуваат со нечовечки услови во затворите и во други институции“, се вели во соопштението на Македонското здружение на млади правници по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на човековите права (10 декември).

Во него се додава дека најголемиот дел од институциите, кои согласно Уставот се должни да ги штитат човековите права, со исклучок на Народниот правобранител, затаиле и дополнително ја влошиле состојбата со човековите права.

– Проблемите поврзани со независноста и со непристрасноста на судството влијаеја негативно на заштитата на човековите права од страна на редовните судови. Од друга страна, Уставниот суд на РМ, кој исто така има надлежност да ги штити човековите права, пристапува со краен формализам и рестриктивност, поради што во 25 години независност само во еден единствен случај нашол повреда на човековите права – се додава во соопштението.