Економија Во домашните млинови има залиха од 45.000 тони пченица, доволни се до...

Во домашните млинови има залиха од 45.000 тони пченица, доволни се до следната реколта

Photo by Avinash Kumar on Unsplash

Владата денеска уште еднаш апелираше до граѓаните да бидат смирени, бидејќи државата има доволна количина на житарици во стоковните резерви. Како што информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во домашните млинови има залиха од 45.000 тони пченица, коишто како количини се доволни за потребите на домашниот пазар до следната реколта.

„Важно е граѓаните да знаат дека согласно официјалните статистички податоци, имаме зголемување на производството на пченица кое од 195.000 тони во 2017 година, лани е зголемено на 253.000 тони“, се наведува во владиното соопштение.

Од Владата велат дека е познато оти домашното производство на пченица изнесува 253.000 тони, годишните потреби за пченица се околу 300.000 тони, а секоја година остатокот на пченица се обезбедува од увоз од Србија.

„Вкупниот увоз на пченица во 2017 година изнесувал 87.000 тони, додека во 2021 година е намален и изнесува 74.000 тони“, велат од Владата на РСМ.

Увозот на брашно во 2017 година изнесувал 53.000 тони, додека во 2021 година изнесува 41.000 тони. Увозот на јачмен во 2017 година изнесува 15.000 тони, а во 2021 година само 950 тони. Ова значи веќе целосно задоволување на домашните потреби од производство на јачмен, информираат од централната власт.